Пендаровски до Мицкоски: Не постои политичар кој искажал толку длабоко непочитување на македонските херои

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски се огласи по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал, организиран од страна на шефот на државата“.

Од Кабинетот на претседателот соопштуваат дека „не се памети години наназад дека некој наш политичар да искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани“.

-Мицкоски целосно го потценува фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата ’Св. Никола“, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Од таму понатаму велат дека не изненадува одлуката на Мицкоски Илинден да го помине во Ташмаруништа.

„Имајќи го предвид фактот дека според Мицкоски чествувањето на Илинден во Крушево на 2 Август ќе биде ‘циркуски церемонијал’, тогаш не изненадува неговата одлука најголемиот македонски празник да го чествува во Ташмаруништа, наместо во Крушево. Најверојатно затоа што борбите кои се водени во тој крај се далеку позначајни од борбите за ослободување на Крушево со кои се удрени темелите на македонската држава“, велат од претседателскиот кабинет.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес изјави дека партијата „нема да биде дел од циркускиот церемонијал на претседателот Стево Пендаровски“, по повод чествувањето на празникот Илинден, на Мечкин Камен.

„Нема да има делегација на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево. Јас традиционално 2-август го поминувам во Ташмаруништа, кое што се наоѓа во близина на Струга и таму се одвивала жестока битка за време на настаните на Илинденското востание. Што се однесува до новиот начин на чествување, на најголемиот празник за македонскиот народ, можам да кажам дека е класична импровизација“, посочува Мицкоски.

Ова следува откако Пендароски објави дека оваа година нема да има традиционален говор на Мечкин Камен.

Слични содржини