Гори борова шума во близина на појасот меѓу општините Делчево и Пехчево. Пожарот е пријавен од страна на совесни граѓани, а го потврдија од Територијалната противпожарна единица во Делчево, од каде информираат дека на терен се повеќе противпожарни екипи од регионот кои учествуваат во негово гаснење.
-Дојавата за пожарот ја примивме околу пладне, по што наши екипи заедно со пожарникари од Берово се упатија кон опожареното подрачје и учествуваат во гасење на пожарот. Првичните информации се дека е зафатена борова шума во атарот на месноста Пасјак, но во текот на денот ќе излеземе со подетални информации, информираа од ТППЕ Делчево.
Миле Тодоровски од делчевската противпожарна служба информираше дека до пред денешниот ден единицата нема регистрирано поголеми пожари, а од почетокот на годината досега ТППЕ Делчево интервенирала во вкупно 14 пожари.
-Во изминатиот период имавме пожари од помал обем, генерално тоа беа интервенции на запалени возила и куќи, истакна Тодоровски.
Апелираше и покрај малиот број интервенции граѓаните во период кога се бележат екстремно високи температури, да се воздржуваат од
палење оган на отворен простор.
Фото: delcevo365.mk