Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов објави дека протипожарникарските служби на градот ќе помогнат во гасењето на пожарот во Кочани.
-Во моментов 3 екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје (15 пожарникари и 3 возила) се упатуваат да помогнат на граѓаните на Кочани и ќе се стават на располагање на тамошните служби. Во текот на денешниот ден, скопските пожарникари гасеа 9 пожари во Скопје и скопско, а 2 екипи беа на испомош во Старо Нагоричане, информира Шилегов.
Тој упати апел до граѓаните внимателно да се однесуваат во овие топли денови.
Голем пожар му се заканува на градот Кочани, откако на социјалните мрежи се објавуваат апели за помош. Според објавеното, пожарот се заканува на првите неколку семејни куќи.
Пожарникарите со часови се борат да го стават пожарот под контрола, но силниот ветар го разнесува на сите страни.