Беровско Будинарци е уште едно од македонските населени места кои се исправија пред огнот и заедно со пожарникарите, со своите мештани и со солидарната помош се борат за безбедност и за спас на околината. Шумите лесно се палат, а тешко се гасат – порачувам да внимаваме сите, да ја ставиме безбедноста на прво место и да ги спречиме сите ризици кои може да предизвикаат пожар, соопшти премиерот Зоран Заев.
„Во овие денови на регионална солидарност, уште еднаш упатуваме огромна благодарност за помошта која е веќе на теренот, а пристигна од Србија, од Словенија и од Австрија, како и за двата авиони кои пристигнуваат од Романија. Ситуацијата ја следиме постојано и будно, во постојана ангажираност и координација се сите капацитети на државата и заедно со граѓаните и со пријателската помош заедно ќе се справиме со оваа опасност“, додаде тој.
Заев, кој го прекина одморот, вчера беше обвинет од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и порталите блиски до неа дека додека Македонија се соочува со катастрофа, загрозени се села и градови, горат илјадници хектари шуми, загрозени се животи и имоти на граѓаните, тој и министрите се на одмор.
„Оваа власт на Заев е ненародна, но ова веќе е бесрамно. Граѓаните се оставени сами да се борат со огнените стихии, додека половина влада вклучително и Заев уживаат на плажа. Три дена нема трага и глас од Зоран Заев. Неговата власт е одговорна што две години скапуваат во хангари авионите за гаснење на пожар. Неговата власт е виновна што надлежните институции не реагираа навреме пред пожарите да ескалираат. Се трошат пари за мебел, службени возила, повисоки хонорари и партиски вработувања, наместо да се обнови и зајакне капацитетот кој треба да ги штити граѓаните од пожари. Веќе никој не бара одговори од Заев, веќе од Заев и оваа власт се бара одговорност“, се вели во соопштението.