Со сертификат или потврда за прележан ковид 19 ќе може да се влезе во било кој објект

од Берта Китинска
493 прегледи

Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД – 19 или

– сертификат/потврда за прележан КОВИД – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД – 19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил посочи дека во шопинг моловите, казината и обложувалниците ќе може да се влезе само со потврда за вакцинација или потврда за прележан вирус!.

Тој апелира граѓаните да се вакцинираат!

Овие мерки стапуваат на сила по нивното објавување во „Службен весник“, односно од утре 18 август 2021 година.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД – 19 документи.

Казните за непочитување на мерката се движат од 2.500 до 30.000 евра.

Слични содржини