Охридскиот рамковен договор (ОРД) беше амбициозен подвиг не само да се запрат вооружените конфликти што ја потресоа земјата во 2001
година, туку и да обезбеди план за идно, поинклузивно општество, вели шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која,
по повод 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
ОБСЕ работеше во земјата за да ги поддржи принципите утврдени во Договорот уште пред да биде потпишан. Вклучувањето на реформата на локалната самоуправа во документот се должи најмногу на учеството на Макс ван дер Штул, претставник од Канцеларијата на тогашниот Претседавач со ОБСЕ, во Охридските преговори. Во неговата претходна улога како прв Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ, амбасадорот Ван дер Штул ја посети земјата повеќе од педесет пати од 1993-2001 година, работејќи, меѓу другото, на поддршка за повеќејазично универзитетско образование. Оваа заложба беше крунисана со успех кога усвојувањето на Законот за образование, пропишан во Договорот, го отвори патот за основање на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Како што е побарано во Анексот Ц од Договорот, ОБСЕ беше особено активна во областите на градењето доверба и полициските реформи. Ги
распоредивме нашите меѓународни набљудувачи и полициски советници во чувствителните области во почетната фаза по конфликтот, олеснувајќи го постепеното и координираното прераспоредување на полицијата од 22 октомври 2001 година. Дополнително, посветени сме на принципот на правична застапеност во полициските служби во земјата. ОРД експлицитно нè повика да помогнеме во градењето на полициска служба што ги отсликува различните заедници во земјата, и во првите неколку години по потпишувањето на Договорот, инструкторите на ОБСЕ беа клучни во обуката на повеќе од 1.000 нови полицајци од немнозинските заедници.
Исто така, ја поддржавме децентрализацијата и зајакнувањето на локалната самоуправа. На 1 јули 2005 година, моќта и надлежностите беа префрлени на општинските власти, при што ОБСЕ работеше на олеснување на овој процес преку обука за градење на капацитети за општините. Во согласност со децентрализацијата и Законот за јазици утврдени во ОРД, сега постојат општини каде албанскиот, турскиот, ромскиот, ароманскиот и српскиот имаат статус на ко-официјален јазик со македонскиот јазик. Ова немаше да биде можно пред потпишувањето на Договорот.
ОБСЕ поддржа и многу други иницијативи за зголемување на социјалната кохезија, натамошна демократизација, зголемување на толеранцијата и еднаквоста и подобрување на функционирањето на државните институции и судството. Во целиот овој ангажман, бевме водени од принципите за правична застапеност и мултиетничност, зацртани во Охридскиот рамковен договор.
Иако е јасно дека Охридскиот рамковен договор ја постави земјата на пат да стане инклузивна мултиетничка држава, подеднакво е јасно дека
останува уште многу да се направи. Градењето на социјална кохезија и демократска стабилност во мултиетничките држави бара постојани заложби, со децении. ОБСЕ останува посветена да ве поддржи во овој важен подвиг, додава Која.