Спасовски за „Локално“: Подобар резултат на локалните избори ќе зависи од новото раководство на СДСМ со новата визија

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

„Бојкотот“ на дел од делегатите на почетокот на јуни, го одложи отчетниот конгрес на СДСМ по дебаклот на претседателските и парламентарните избори на 8-ми мај. Партијата тогаш не успеа да го заокружи Конгресот, кој беше закажан со цел да се анализираат лошите изборни резултати и да се утврдат следните чекори со цел заздравување на партијата. Се појавија шпекулации дека во салата нема доволен број на делегати и дека тоа е причината што Конгресот ќе остане за друг ден. Од партијата сепак го отфрлија сето ова. Официјално, општинските организации на СДСМ побараа време да го разгледаат обемниот извештај кој се однесува на парламентарните и претседателските избори.

Во меѓувреме, партијата доби нов лидер, екс-министерот Венко Филипче кој најави консолидација и заздравување на партијата. Според актуелниот статут, мандатот на Филипче треба да заврши во март 2025 година.

Овој викенд, поточно на 24 ноември СДСМ треба да го избере новиот Централен и Извршен Одбор, како и целокупното партиско раководство. На Конгресот ќе се дискутира за идните политики и делување на партијата. „Локално“ побара мислење од координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски во однос на тоа каков епилог се очекува од важниот настан за партијата во недела и каква е атмосферата.

Според него, тоа е Конгрес на кој што треба да се анализираат резултатите од претходните избори и да се избере ново раководство – нов Централен одбор и нов Надзорен одбор од кој што дополнителни ќе бидат избрани највисоките структури на раководството на СДСМ.

Спасовски најави дека нема да биде дел од највисоките партиски функции, туку ќе остане само како пратеник.

-Јас веќе најавив дека нема да бидам дел од раководството затоа што сметам дека треба да има други луѓе и друг избор, порача екс-министерот за здравство.

Околу тоа дали ќе се зборува и евентуално може да се продолжи мандатот на Филипче на претстојниот Конгрес, Спасовски посочи дека тоа е прашање е затворено. Според него, статутот е многу јасен и не треба да има, како што вели, такви излети.

-Досега се преземаат низа на активности кои што одат во таа насока, меѓу кои и главната работа беше да се организира Конгресот, да се изберат нови делегати, да се дадат предлози за ЦО и НО и да се направи избор на централното раководство. Сметам дека оваа активност можеше и побрзо да се одвива, меѓутоа конечно се заврши, со цел да тргнеме кон организациска консолидација на партијата, ни рече пратеникот запрашан како ја оценува досегашната работа на Филипче во однос на консолидација на партијата.

Спасовски очекува подобри времиња за СДСМ во наредниот период.

-Можам да кажам дека посакувам подобар резултат на локалните избори во споредба со последните парламентарни избори. Тоа ќе зависи од новото раководство со нова визија која што ќе ја постави на Конгресот и активностите кои што ќе се преземаат на терен и од активностите помеѓу граѓаните. Тоа е една ситуација од која што ќе зависат следните чекори во однос на изборниот резултат, заклучи поранешниот потпретседател на СДСМ.

Дискусијата и реториката за предвремени парламентарни избори изминативе денови беше се поактуелна како тема. Прво, Европскиот фронт тоа го побара поради како што обвинуваа дека земјата ја води влада без етнички легитимитет, а Ахмети испрати и писмо до меѓународниот фактор, а потоа и премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница упати покана до СДСМ за избори ако се сигурни во нивните политики. Лидерот на најголемата опозициска партија, Венко Филипче ја прифати фрлената ракавица и порача дека се спремни за предвремени избори и дека според нивните анкети незадоволството од неколкумесечното владеење на новата влада кај граѓаните било евидентно. За Филипче повикот на Мицкоски е кокетирање со ДУИ и порака која е упатена пред сè до ВЛЕН и до ЗНАМ за кои лидерот на СДСМ вели дека имаат маргинализирана улога и преполовена поддршка.

Изборот за нов лидер на СДСМ следуваше откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).

Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би ја водел партијата во следните четири години.

Н.П.

Слични содржини