Бројот на активни случаи е 10.380, над половина регистрирани во последните 5 дена

од Vladimir Zorba
252 прегледи

Бројот на активни случаи на ковид-19 во земјавa изнесува 10 380, од кои над половина или 5 562 се регистрирани само во последните пет дена. Една третина од активните случаи се во Скопје – 3 421, додека над 64 проценти се само во три града – Скопје, Тетово и Гостивар.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ова нема да престане додека поголем дел не се вакцинираат и ги повика граѓаните тоа да го направат што поскоро.

Над 650 илјади граѓани досега примиле барем една доза вакцина, а поради зголемениот интерес за вакцинирање, од следната недела повторно се отвора пунктот во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Вчерашната дневна статистика покажа дека бројот на заразените секојдневно се зголемува. Во претходното деноноќие биле регистрирани 1 250 нови случаи на ковид-19 и 22 починати лица, во споредба со 20 август – 1 074 новозаболени и 22 починати, на 19 август – 1 158 новозаболени и 19 починати, на 18 август 1 081 новозаболени и 15 починати и на 17 август 999 новозаболени и 14 починати.

Само во периодот од 17 до 21 август починати се вкупно 94 лица, додека последен пат без смртен случај е на 3 август.

Слични содржини