Владеачката СДСМ реагира дека ВМРО-ДПМНЕ наместо да врши евалуација на кампањата за вакцинација, треба да ги повика граѓаните и своите членови да се вакцинираат.
-Мицкоски да престане со лажната загриженост и барем еднаш да преземе одговорност да повика јавно на масовна вакцинација, велат од партијата.
Според нив, ВМРО-ДПМНЕ е партијата која поттикнува прекршување на мерките, партија која поддржува протести против вакцинацијата а денес се најде повикана да коментира кампањи кои имаат за цел зголемување на опфатот на вакцинација.
-Со таквото однесување ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски остануваат на страната на вирусот и работат на штета на здравствениот систем и јавното здравје, стои во реакцијата од „Бихаќка“.
Претходно, најголемата опозициска партија обвини дека Филипче и Заев ако сакаат да ги мотивираат граѓаните има милион начини како да го сторат.
-Поради нивната неспособност се случи и четврти бран, поради нивна неспособност не е организиран здравствениот систем за ниту еден бран од почетокот на пандемијата, поради нивната неспособност бројката на починати од корона се движи кон шест илјади починати, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.