Денеска министерката за образование и наука разговараше на редовен координативен состанок со директорите на основните и средните училишта.
Директорите од основните училишта ја информираа Царовска дека нема потешкотии во инсталирањето на дигиталните учебници за четврто одделение. Апликациите веќе се испратени на родителите, а исто така се спуштени и на интерактивните табли во училиштата на кои учениците ја следат наставата. Првачињата исто така се обезбедени со нови учебници. Тие посочија дека наставниците и учениците се задоволни од новите наставни програми кои се поинтересни и со внимание ги реализираат и следат часовите.
„Според податоците коишто ги добиваме од вас во моментот само 0,01 % од вкупниот број ученици се позитивни случаи. Ист е процентот и кај наставниците. Ова укажува дека бројот на активни случаи во училиштата е минимален и засега немаме трансмисија на вирусот во училиште. Апелирам на одговорно однесување од сите нас и на строго почитување на мерките бидејќи покрај со вакцинацијата која е најдобрата заштита, од вирусот не штитат и маските и честата дезинфекција на рацете и просторот“, рече министерката Царовска и додаде:
„Огромно е задоволството кај учениците и наставниците од новите наставни програми и материјали за учење. Учениците од четврто одделение наставата ја следат на интерактивни табли и со користење на новите нагледни средства и дидактика. Продолжуваме посветено да вложуваме во квалитетно образование и да обезбедуваме подобри и современи услови за настава на сегашните и идните генерации“.