Гостиварското основно јавно обвинителство ќе започне истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Станува збор за сообраќајната несреќа која се случи на 4 септември, а во која учествуваше осудениот Зоран Милевски-Кичеец, кој управувал со автомобил „мерцедес“, а со него биле уште двајца српски државјани кои се тешко повредени.
Во инцидентот имаше и еден загинат.
Како што објаснуваат од обвинителството, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.
Движејќи се со автомобил „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки.
Во истиот момент, во спротивна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг“.
Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ“ кој бил претекнуван.
Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг“, четири лица се здобиле со тешки повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди.