Пендаровски: Прашањата зошто денес имаме 450 евра просечна плата, зошто младите се иселуваат се легитимни

од Берта Китинска
372 прегледи

Шефот на државата Стево Пендаровски во својот вчераше говор по повод денот на независноста „8 Септември“ говорот се осврна и на масовното иселување на младите, посочувајќи дека тоа се случува тогаш кога ќе престанат да веруваат дека државата може да обезбеди услови за пристоен живот достоен за човекот во 21-от век.

-Ефектите од долгата и мачна транзиција придонесоа постепено пред наши очи да се оформи најголемата опасност и закана за нашата иднина, а, тоа е – масовното иселување на нашите граѓани. Младите, но и повозрасните се иселуваат тогаш кога ќе престанат да веруваат дека државата може да обезбеди услови за пристоен живот достоен за човекот во 21-от век.Во овој контекст, некои го поставуваат прашањето дали воопшто ја заслуживме независноста. Според мене, тоа е прашање од сосема поинаков категоријален статус кое не треба да го мешаме со главното. Независноста стекната во 1991-та е третата и последна фаза на најголемиот национален проект во нашата историја, започнат и развиван преку двата Илиндена. Прашањата од типот, зошто денес имаме 450 евра просечна плата, а не илјада, дали бројката на невработени и иселени мораше да биде толку висока, или за квалитетот на услугите кои државата ги испорачува на граѓаните, се апсолутно легитимни, рече Пендаровски.

Тој напомена дека не треба да се бега од фактот дека тие проблеми и потешкотии го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес.

-Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори не може да биде полоша од било која власт однадвор наметната, а такви, за жал, во нашата историја имавме предолго.И да не заборавиме дека сите наши научни, уметнички, спортски и стратешки дострели во изминативе 30 години не ќе беа можни во таков обем ако немавме наша сопствена држава. Затоа, без и една секунда двоумење, без тронка сомнеж можеме да кажеме дека македонската државност и независност е нашето најголемо историско достигнување со кое треба да се гордееме, рече шефот на државата.