Деновите на колективна жалост и тага, кога сите сочувствуваат со семејствата на жртвите од трагичниот пожар во Тетово, не се денови за политиканство, велат од владеачката СДСМ.
Според нив, грдото, некрофилно ВМРО-ДПМНЕ нема основно чувство за човечност ниту пак за сериозност.
-Тоа е ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, ништо не им е свето, ниту важно, стои во соопштението на СДСМ.
Во Тетово се уште трае увидот по пожарот кој ја зафати модуларната болница, при што настрадаа 14 пациенти. Истрагата ќе треба да ја открие причината за пожарот, а засега се уште нема официјални информации.
Претседателот Стево Пендаровски изјави дека според информациите кои ги добил од надлежните, засега не постојат индиции дека пожарот бил намерно предизвикан. Пендаровски, кој денеска беше во посета на Тетовската болница, најави дека ќе бидат ангажирани и странски експерти да помогнат во истрагата за пожарот.