Пред 30 години, на 8 септември, идеалот, кој за многу генерации беше само мечта, после 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, стана реалност, објави премиерот Зоран Заев.
Според него, стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја.
-Народот на тогашна Република Македонија донесе историска одлука на референдум, и со масовна излезност рече – Да за независност и ДА за суверенитет. Тоа беше уште едно храбро и одлучно соочување со историјата и со околностите кои се закануваа да ја втурнат земјата во воен конфликт. Но, и во еден таков период, дојде до израз силната верба во перспективата за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава, потенцира Заев на социјалните мрежи.
Тој додава дека народот го сочува мирот во земјата и ја прогласи за самостојна својата држава.
-Токму нам, на сегашните генерации ни припадна историската чест, но особено одговорноста, да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава.
Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западно-европскиот демократски цивилизациски круг.
Денес, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани.
Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво, стои во објавата на премиерот.