СВР Тетово разговарало со лицето Ибин Емшиу кој во пожарот во модуларната болница ги изгубил таткото и братот, по што сведочеше за Дојче веле дека бил заплашуван со убиство, за да не ја каже вистината за трагедијата.
Oд таму велат дека немал директна закана по неговиот живот, туку дека по дадената изјава за медиум, на социјални мрежи наводно прочитал три коментари во врска со дадената изјава – да внимава што изјавува и дека може нешто да му се случи.
-Тој, исто така, им рекол на полициските скужбеници дека нему никој не му барал пари во болницата, туку самоволно им дал на поединци од медицинскиот персонал, за „подобро да се грижеле за неговите најблиски“. Засега нема пријава за закани по животот, ниту во однос на барањата за пари за медицинска нега, вели за ДВ Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
По сведоштвото на Емшиу, реагираше лидерот на ВМРО ДПМНЕ кој во статус на ФБ праша кој му се заканувал на Емшиу.
-Кој сака на овој начин да се убие вистината и кому тоа му одговара? За да не влијаат на истрагата бараме веднаш оставки од Хасани, Филипче и Заев, кои патем да напоменам не чувствуваат ниту морална одговорност. Луѓе од крв и месо? Не би рекол, само алчни за фотелји и тендери, пишува Мицкоски.
Во пожарот што во средата избувна во ковид-центарот во тетовската болница загинаа 14 лица, а причините за трагедијата се цел на истрага на Основното јавно обвинителство – Тетово, а во неа се вклучени и експерти од Германија.