Премиерот Заев, преку видео обраќање го отвори вториот панел на тема „Заложбите на мажите за родова еднаквост” во рамки на конференцијата „Жените во меѓународната политика” во организација на Министерството за надворешни работи.
„Улогата на жените во сите сфери на македонското општеството е значајна и важна. Нивната активна улога во креирањето и реализирањето на важните стратешки политички прашања од интерес на земјата ќе придонесе за афирмација и реализација на родово свесна политичка определба во подобрување на родовата еднаквост во областа на политичкото учество, а со тоа и учеството на жените во надворешната политика.
Како претседател на Владата, застапувам ефикасно применување на националните стратегии за еднакво и рамноправно учество на жените во политиката, како и на сите препораки кои доаѓаат од меѓународните конвенции, стандарди и позитивни практики.
Секогаш треба да настојуваме да го дадеме најдоброто што можеме за нашиот придонес за остварување целосна, безусловна еднаквост на жените и девојките кои се вклучени во политиката.
Ниту една земја не може да си дозволи да остави еден сериозен дел од својата популација зад себе. Тоа не смее да биде прифатливо.
Девојките и жените мора да го добијат еднаквото право со мажите да учествуваат, да бидат избрани на највисоки позиции, на гласност, во сите сегменти на општеството и развојот, а тука секако спаѓа и нивното учество во надворешната политика на земјата“, вели Заев во обраќањето.