Ќе бидете само професор, не можете да бидете се во државата, му рече премиерот Зоран Заев на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешниот телевизиски дуел меѓу двајцата во синоќешната емисија „Само вистина“, говорејќи на темата што ќе се случи после локалните избори на 17-ти октомври.
Според премиерот, Мицкоски повторно ќе се соочи со пораз.
-Немојте да бидете толку нервозни, сте губеле и пак ќе губите на избори! Сменете ја плочатата, дадете решение. Филипче е во контакт со вашите здравствени колеги од партијата, напомена Заев за односот на опозициската партија кон пандемијата и за тоа дали нуди решенија и мерки за справување.
Заев повтори дека имаат обврска и одговорност да поттикнат што повеќе да се вакцинираат.
-Има уште доста добар дел што е невакциниран поради лажните вести и антиваксерите, кои се потпомогнати од опозицијата. Требаше да се вакцинирате пред камери, за да поттикнете вакцинација на што повеќе луѓе, макар тоа биле 2 или проценти, смета Заев, обраќајки му се на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.