Пратениците од опозицијата треба да покажат свест за правата на работниците, и да ја прекинат блокадата за да се создадат услови да помине предлог законот за недела ден на неделен одмор низ собраниска процедура, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, во интервју за Утрински брифинг. Според неа секое доцнење значи пролонгирање на примената на ова право кое работниците го очекуваат. И понатаму многу работници наместо со семејствата во недела, ќе бидат на работа и дополнително за тоа нема да бидат платени.
„Ќе ја искористам оваа прилика уште еднаш да апелирам до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за Предлог-законот за изменување и дополнување на работните односи со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор.“, рече министерката Шахпаска.
Со овој предлог закон кој е во второ читање во собраниската постапка се овозможува 92 проценти од вработените да одмораат во недела. Ова законско решение гарантира најмалку 50 % повисоки дневници за работа во недела и слободен ден. Што се однесува до вработените во трговските центри, нивна дневница за работа во недела ќе биде за 100% повисока од вообичаената, а работното време ќе биде од 10 до 18 часот.
Предлог законското решение е донесено по широка и конструктивна дискусија меѓу работниците и работодавачите.