Демократската унија за интеграција (ДУИ) утре ќе ја почне од Гостивар кампањата за Локалните избори 2021 закажани за 17 октомври, и ќе ја заврши исто така во Гостивар.
Крешник Бектеши на прес-конференција денеска рече дека на изборите ДУИ ќе настапи со 19 кандидати за градоначалници и 35 листи за советници и нагласи дека петте завети кои се столбови на нивната Платформа – Зелена агенда, Дигитална агенда, Агенда за вклучување на граѓаните, Агенда за отворени врати и Агенда Нулта толеранција, мора да ги почитуваат сите кандидати за градоначалници.
Повика на фер, демократска и позитивна кампања и порача претстојните 20 дена да се искористат за подобра презентација на изборните програми и на кандидатите за градоначалници и општинските советници. Нив ќе ги претставаат во текот на кампањата во сите градови, општини, населени места.
-Пцостите и навредите не треба да бидат дел од кампањата на учесниците на овие избори. Кампањата треба да се спроведе во духот на демократијата и меѓусебното почитување, бидејќи само на тој начин ќе покажеме политичка зрелост и ќе ги докажеме нашите европски стандарди, истакна Бектеши.
ДУИ ќе ја почне кампањата од Гостивар затоа што го слушнале гласот на граѓаните на Гостивар кои, како што рече, „бараат промена во општинската администрација и ослободување од кучињата скитници, казината, чадот од Русино, густиот сообраќај, недостигот од паркинзи“.
– Ја завршуваме кампањата исто така во Гостивар, за да им кажеме на гостиварци дека сме заедно во битката за ослободување на градот од неспособната администрација на Таравари и ВМРО-ДПМНЕ, рече Бектеши на прес-конференцијата.