Јовановски: Она што се случило за време на кампот не е сексуално образование туку сексуално вознемирување

од Берта Китинска
453 прегледи

Скандалот со извидничкиот одред несомнено е голем, сѐ повеќе родители пријавуваат, а Обвинителството започна истрага. Но, заради тој скандал може да се стигматизира сексуалното образование за млади кое има своја позитивна улога и се одвива веќе со години, како и да се стигматизираат организаиите што се занимаваат со оваа проблематика.

-Ние како општество ретко извлекуваме поуки од вакви ситуации. Штетите несомнено ќе бидат големи, веројатно најмногу за извдидниците. И ние сега на некој начин се обидуваме да ги стопираме нашите активности поради целата оваа работа. Треба да помине време за да се заборави сето ова, иако треба да излезат институциите и да видат што треба да се прави понатаму, вели во Утрински Брифинг, Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА,

Тој вели дека самото неформално сексуално образование има поинаков пристап. Пред сѐ треба да се обезбеди безбедна средина за младите. ХЕРА имаат практика да бараат согласност од родител за нивните работилници на вакви теми.

-Она што се случило за време на кампот не е сексуално образование туку сексуално вознемирување, вели Јовановски и додава дека проблемот е и во медиумите кои користат погрешна терминологија.

Оттука се поставува прашањето како ХЕРА и другите организации кои се занимаваат со сексуално образование ќе се престројат во оваа ситуација.

– Тајмингот не е добар, ние со БРО и МОН работиме пилот со ССО и се соочуваме со можност за неефикасна имплементација. Може да очекуваме дел од децата да бидат повлечени од страна на родителите. Институциите треба да преземат нешто, а притоа мислам на целиот систем, образовниот и Министерството за социјална пололитика за ова во иднина да се превенира, вели Јовановски.

Македонија е конзервативно општество. Младите не разговараат со родителите на овие теми, но се многу добро информирани преку други извори кои не секогаш се соодветни.

-Затоа една од нашите препораки е да има сеопфатно сексуално образование во училиштата, за младите да стекнат информации преку образовниот систем кој ќе ја намали потребата од добивање информации од погрешни извори. Освен тоа, на тој начин неформална форма на сексуална едукација сама по себе ќе згасне, вели Јовановски.

ХЕРА соработува со Министерството за образование и наука со своите проекти за сексуално образование за млади.

Слични содржини