Куса врска (нула ома) и висок преоден отпор (многу оми) се поими кои взаемно се исклучуваат. Можеби се мисли дека имало висок преоден отпор во контактот помеѓу утикачот и утичницата, поради што се запалила изолацијата на спроводниците во утикачот или утичницата, па тоа предизвикало куса врска и понатаму палење на кабелот. Всушност, ако настанала куса врска можно е да се запалила инсталацијата во ПУР пената од ѕидот. Но, тоа е помалку веројатно, затоа што осигурачите би исклучиле моментално, под услов да биле исправни, пишува професорот Дејан Трајковско, кој редовно се занимава со ковид-статистиката во земјава.
Според него, во секој случај доколку продолжниот кабел бил исправен (изработен според стандарди), електричната инсталација во ѕидот била исто така изработена според стандарди, а осигурачите исправни, немало шанси да се случи запалување на кабелот, дури дефибрилаторот да бил неисправен и да повлекол премногу струја.
-Високи преодни отпори не можат да се појават во исправен продолжен кабел. Никогаш не купувајте евтини продолжителни кабли од пазар, посочува тој.
Трајковски додава дека и дури исправен продолжителен кабел, ако со него се ракува невнимателно, се тргаат утикачите без да се држи утичницата, се мавта и увртува кабелот, можно е да се оштети изолацијата од спроводниците и да настапи куса врска.
-Затоа, најдобро е воопшто да не се користат продолжителни кабли и сите уреди да се приклучуваат директно во утичниците во ѕидот, истакнува професорот.
Прегреан кабел на дефибрилатор е причината за пожарот во модуларната болница во Тетово, покажува форензичкиот извештај на одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР, што е доставен до Основното јавно обвинителство во Тетово.