Откако вчера поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов се сретнал со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, ја прокоментирал и темата околу пристапувањето на Македонија во ЕУ.
-Договорот за добрососедство беше појдовна точка за пристапување на Северна Македонија и сите земји од Западен Балкан. За жал, ова темпо е споро. Тупаницата што падна врз бугарската администрација, падна и врз нашите меѓународни односи, вели Борисов, додавајќи дека има многу напнатост во Северна Македонија, во Албанија и во целата унија против Бугарија.
-Многу месеци беа изгубени за да се објасни што е тоа што генерации млади Македонци и Албанци во моментов ја мразат Бугарија, додава Борисов.
Според него, на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан Радев „уште еднаш ќе излаже”.
– Тој секогаш ветуваше дека ќе се реши прашањето по изборите, но по кои избори? Тогаш тоа нема да зависи од него, туку од политичките партии што ќе владеат, додаде Борисов.
Тој потсети дека кога беше премиер беше потпишан Договорот за добрососедство и само за 15-20 минути Бугарија и Северна Македонија добија честитки од сите страни и посочува дека „ја уверил претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека доколку ГЕРБ победи по изборите, ќе ги продолжи политиките за проширување на Европската унија кон Западен Балкан“.