Во касарната во Ѓорче Петров денеска беше предадена донација од Велика Британија наменета за припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група и за специјалните сили.
Донацијата се состои од околу 4.000 парчиња (3.963), два типа вреќи за спиење едни за три сезони, другите летни со мрежа за заштита од комарци, подлоги за вреќи за спиење, мали шатори – набљудувачници за снајперисти, тунелски шатори за специјалци, резервни потпорни шипки.
На примопредавањето присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.
Според министерката Шекеринска, овој настан покажува дека кога имате план и го спроведувате и имате сојузници, можете целосно и брзо да ги реализирате сите чекори. Нагласи дека како Армија, како МО и како Влада направиле се секојдневно да се реформира, да се трасформира и да се опремува нашата армија, да одговара на потребите на нашите граѓани, на нивната безбедност, но и да личи на Армија на една НАТО земја членка.
-Токму поради тоа во изминатиот период нашиот фокус и во поглед на персоналот и во поглед на условите за работа и опремувањето, го ставивме на Лесната пешадиска батаљонска група во Штип и ова денеска ќе биде плус за нивното опремување, изјави Шекеринска.