Кандидатите за градоначалници во трка да ги освојат гласовите на граѓаните

од Берта Китинска
305 прегледи

Бесплатен јавен превоз, асфалтирање на улици, реконструкции и изградба на градинки, училишта и спортски сали, а се најавува и развој на етно и селскиот туризам, дигитализација на услугите се дел од предизборните ветувања на политичките партии за претстоините локални избори.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера им порача на идните градоначалници да му служат на народот, а не да владеат со него, да бидат отворени за граѓаните и внимателно да ги слушаат нивните проблеми.

– Да го сакаат својот народ и да ја прифатат пред се честа и одговорноста што луѓето им ја даваат на изборите. Да ги распоредуваат финансиските капацитети во форма на проекти и да ги решаваат проблемите поеднакво за сите – и во градовите и во населените места. Програмите што ги испорачуваат мора да бидат динамични. Секоја година при формирањето на буџетот да ги слушаат граѓаните што е приоритет за нив, а не само она што е приоритет според општинската администрација или според градоначалникот. Граѓаните се неприкосновените конечни одлучувачи на локално ниво, како што се и на државно ниво, рече Заев на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

Според него, исклучително е важно какви луѓе ќе ги водат општините и какви програми ќе се реализираат во следниот четиригодишен период. Иако се реализирани доста проекти, смета дека има уште многу работа на локално ниво.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека власта ги изневерила очекувањата на граѓаните.

– Не се реализирани ветувањата и немаат допир со реалноста во каква апатија се наоѓаат граѓаните, рече Мицкоски, повикувајќи на масовна излезност на денот на изборите.

Тие, рече Мицкоски, не може да купат толку гласови колку што народот може да излезе и да им ја запечати судбината зад параванот. Не наседнувајте ниту на оние странични пораки кои ги пуштаат преку нивните платени мегафони дека сите сме исти, кога не сме.