Изборниот молк пред локалните избори во недела започнува од полноќ.
За два дена, граѓаните ќе изберат помеѓу 301 кандидат за градоначалник и 576 листи за советници во советите на 80 општини во Македонија и Град Скопје.
Изборната кампања, која започна на 27 септември, беше обележана со еколошки и локални економски теми, како и со спортот.
Се ветуваа „зелени градови“, користење на сончева енергија, изградба на велосипедски патеки, решавање на прашањето за урбаниот и сообраќајниот хаос, нови инвестиции, но и повеќе пари за спорт и нови спортски терени.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 17 октомври. Вториот круг од изборите за градоначалници, во општините каде што е потребно, е закажан за 31 октомври.
Право на глас имаат 1.824.864 граѓани, а акредитирани се 1.045 набљудувачи од Македонија и странство.