Од денес пристапувам со уште поголема мотивација, желба и посветеност да допрам до секој мој сограѓанин претставувајќи ја визијата за подобро утре. Во вториот изборен круг ќе дадам се од себе да ја максимизирам поддршката од битолчани, изјави денеска кандидатот на СДСМ и коалициските партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски.
„Битола гласаше на фер, слободни и демократски избори кои впрочем беа олицетворение на изборна кампања што ја водевме заедно со вас. Ви благодарам за големата поддршка и ви честитам за високото ниво на демократска, европска, би рекол – битолска свест. Им честитам на сите учесници на изборите кои излегоа на мегдан пред граѓаните и со својата понуда ја поттикнаа демократската изборна разноликост во нашата општина. Изборните резултати даваат одлична основа за победа во втор круг во кој најавувам повторно позитивна и прогресивна кампања“-рече Кондовски во своето обраќање до граѓаните на Општина Битола.