Државната изборна комисија денеска ги отфрли сите приговори на повеќе политички партии и коалиции поднесени по одржувањето на првиот изборен круг на локалните избори.
На денешната седница со 4 гласа „против“ и 3 „за“ го отфрли приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за избирачкото место 543 во Дебар.
Претставникот на АА и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога. Според Лога, записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО. Исто така, беше наведено дека претседателот на Одборот на избирачкото место на денот на гласање бил разрешен од ОИК Дебар, но продолжил да ја врши функцијата. Членовите на ДИК од ДУИ и СДСМ посочија дека во записникот нема забелешки за текот на гласањето, така што нема основ за поништување на гласањето.
Приговорите на коалицијата на ЛДП и ДОМ, но и Демократската партија на турците, исто така беа отфрлени од ДИК.
Отфрлени се и шесте приговори на Левица, за нерегуларности за кои сметаа дека се случиле на неколку избирачки места во Штип и Кисела Вода. Членовите на ДИК жалбите ги оценија за неосновани, а и претставникот на „Левица“ призна дека имаат пропусти во поседувањето на факти.
ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ги повлекоа своите приговори за првиот круг од гласањето на локалните избори.