76-ките од Филаделфија се уште не се опоравиле од случајот со Бен Симонс, а крајот на неколкумесечната сага се уште не е на повидок.
Кошаркарите на Филаделфија забележаа победа на стартот од новата сезона, но потоа забележаа и пораз од Бруклин. Сепак, нивните игри паѓаат во сенка на она што се случува со статусот на Бен Симонс во клубот.
Откако не се пријави кај менаџерите и соиграчите и казните кои ги доби поради несериозност на тренинзите, следеше чекор кон помирување. Симонс се сретна со претставници на клубот, при што беше утврдено дека австралискиот плејмејкер се уште (ментално) не е подготвен за игра.
Џоел Ембид, како најдобар играч на 76-ките имаше бурни изјави за плејмејкерот на неговиот тим во изминатите недели и месеци.
Тој постојано истакнуваше дека Бен е неодговорен и дека нема почит кон соиграчите и дека не му е грижа што и да одлучи.
Сега Ембид го промени мислењето. Тој го спомена и Симонс во обраќањето до фановите.
-Во име на моите соиграчи, организацијата и моето име, ви благодарам за поддршката сите овие години. Многу се случи во последните месеци, се надевам дека ќе продолжите да го поддржувате нашиот соиграч Бен, бидејќи тој се уште е наш брат. Одиме напред!, истакна Ембид.
Пораката на Ембид беше поздравена со аплауз, а се чини дека сите би сакале оваа приказна да има среќен крај.
-Беше добро што конечно слушнав нешто од него, тоа е добро за тимот. Ова е првиот чекор, почеток. Како што секогаш велев, се зависи од раководството, тие треба да откријат што е најдобро за тимот. Ние само сакаме да победиме, а сме подобар тим со него. Не би имал ништо против да играм со него, знам дека нема да им пречи ниту на моите соиграчи, бидејќи сакаме само да победуваме, рече Камерунецот.