Недела 31 октомври е важен ден. Во оваа кампања помеѓу двата круга јасно видовме кои се концептите. Едниот е нашиот, концепт на инвестиции во локални проекти, на поголеми плати и пензии, на грижа за сите. Другиот концепт е оној на опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ, сега и официјално поддржана од Левица. Концепт кој носи поделби, омраза, меѓуетнички тензии и пљачкање на народните пари, вели премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев во завршно обраќање пред изборите во недела.
Тој укажа дека „на се се спремни луѓето кои сакаат да го вратат режимот“.
-Уште првиот ден по изборите видовме закани, насилство и омраза. Затоа е потребно обединување. Секој поединец мора да даде свој придонес во одлуката да продолжиме напред со развиени општини, со стабилна држава, со еднакво општество за сите. Почитувани граѓани, Во недела кога сте сами зад параваните на гласачките места донесете ја најдобрата одлука за вас, за вашето семејство, за вашата општина, за вашата држава. Изберете го концептот кој гарантира повисоки плати и пензии, нови инвестиции, кој гарантира стабилност и подобар економски стандард за сите, рече Заев.