Денес гласаат болните, затворениците и лицата во изолација

од Берта Китинска
188 прегледи

Денешното гласањето на болните и немоќните ќе го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со ковид-19 и во изолација се формирани посебни избирачки одбори составени од медицински лица.

Утре, пак, во 7 часот почнува гласањето на избирачките места, кое ќе трае до 19 часот.
Кампањата за локалните избори 2021 заврши синоќа на полноќ кога почна изборниот молк, а кој ќе трае до затворањето на гласачките кутии в недела навечер.

Во 44 општини и во градот Скопје гласачите ќе може да гласаат за еден од двајца кандидати за градоначалник кои останаа во вториот изборен круг. Право на глас имаат 1 353 990 избирачи на 2 481 избирачко место.

Во 34 општини изборот на градоначалници заврши во првиот круг, а во општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше изборната постапка треба да се повтори поради тоа што во првиот круг, на 17 октомври, не беше исполнет цензусот за излезност на најмалку една третина од запишаните избирачи. За овие општини, претседателот на Собранието наскоро треба да распише нови избори.

Исто така, во две општини ќе има прегласување на по едно избирачко место, односно повторување на гласањето за избор на советници.

ДИК вчера го презеде доверливиот избирачки материјал за вториот круг од локалните избори. За седум дена се испечатени 1,6 милион ливчиња од доверливиот избирачки материјал што ДИК им го предаде на општинските изборни комисии во општините каде што в недела ќе има гласање.