Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, најверојатно ќе ја официјализира оставката на крајот на оваа или почетокот на следната година, според информации од вчерашната средба на премиерот со коалициските партнери.
Како што се наведува, причината за одложувањето е што не би се пропуштила можноста за почеток на преговори со Европската унија во декември, што премиерот го навести на средбата со коалициските партнери.
Заев во неделата вечерта изјави дека се повлекува од функцијата премиер и лидер на владејачката СДСМ поради поразот на партијата на локалните избори, но досега не ја доставил до Собранието и до партиските органи.
Дел од партнерите во владејачката коалиција на вчерашната средба се обиделе да го убедат Заев да се откаже од оставката што ја најави на денот на изборите, но премиерот останал на својот став.
На таа средба, пак, Заев начелно се согласил да поднесе оставка на крајот на оваа или на почетокот на јануари следната година.
Причина за тоа е „надежта што им ја кажал премиерот за решавање на спорот со Бугарија и евентуалната меѓувладина конференција со ЕУ кон средината на декември“.
Според информациите, можно е оставката на Заев да стапи на сила дури во декември, бидејќи на вчерашната средба на владејачката коалиција било оценето дека САД можат да го забрзаат евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
На таа средба, Заев цврсто останал на својот јавно кажан став дека ќе поднесе оставка од премиерската функција.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев реално нема да поднесе оставка од премиерската функција, туку „блефира“ за да избегне одговорност.
„Зоран Заев повторно блефираше и ќе си поднесе оставка на Фејсбук, но не достави допис до парламентот“, рече на прес-конференција функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.