Селекторот на Исланд: Ако ја победиме Македонија, Романците ќе должат пиво

од Nikola Popovski
445 прегледи

Исландската фудбалска репрезентација приреди изненадување и со ремито во Букурешт со Романија (0:0) ја отвори вратата на Македонија кон баражот за Светското првенство во Катар 2022 година.

Во последното коло „Рибарите“ играат со Македонија во Скопје (недела, 18.00 часот), па селекторот на гостите им најави на Романците дека ќе се обиде да се оддолжи со два бода.

-Се надевам дека во Македонија ќе играме добро како во Букурешт. Бидејќи Романците беа многу пријателски настроени, се надевам дека ќе им помогнеме. Сите сакаме да постигнеме добар резултат во Скопје. Ако успееме, ќе се вратам за да ми купите пиво“, им рекол селекторот Арнар Видарсон на Романците.

Истовремено со мечот на стадионот „Тоше Проески“, Романија гостува во Лихтенштајн против последнопласираната селекција која освои само бод. Со оглед дека се очекува победа на гости, на Македонија и се потребни три бода во дуелот со Исланд за да ја задржи предноста и пласман во плеј-офот. На прво место Германија е неприкосновена и веќе одамна обезбеди пласман на СП во Катар.

Важноста на натпреварот со Исланд го привлече вниманието на јавноста, па нашиот фудбалски сојуз реши да отвори уште две трибини на стадионот, а играчите добија паричен бонус за победата во Ерменија (5:0) како дополнителен стимул пред клучниот натпревар.

Слични содржини