Мерка за административците: Само со вакцина или негативен тест на работа

од Берта Китинска
335 прегледи

Административците на работа ќе одат со ковид сертификат или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа направен на сопствен трошок.

-Донесовме одлука на Владата да и предложиме, сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во владините институции за одење на работа да имаат потврда за примена најмалку една вакцина, или да имаат негативен ПЦР тест кој ќе важи 72 часа и кои ќе го прават на сопствен трошок, како и потврда за прележан ковид не постар од 45 дена. Исто така ќе препорачаме задолжителна вакцинација против ковид за сите здравствени работници, нагласи министерот Венко Филипче.

Задолжителна вакцинација ќе биде воведена за здравствените работници.

Филипче не знае дали и какви казнени мерки ќе има за здравствените работници ако не примат вакцина, но очекува мерките да дадат ефект бидејќи не може болниците да работат само за ковид болни кога потреба имаат и други пациенти. Министерот за здравство вели дека има механизам како да се контролираат сертификатите.

-Препорачуваме кон ова да се приклучат и приватните компании. Стигна писмо од Стопанската комора на оваа тема и нивните предлози се речиси исти и тоа , со цел да се заштитат производствените капацитети, изјави министер за здравство.

Синдикатите се против мерките кои ќе удрат врз грбот на работниците.

Овие мерки би стапиле на сила 10 дена по нивното усвојување на Владата за граѓаните да имаат време да отидат до пунктовите. За здравствените работници ќе има период од 30 дена.

Слични содржини