(ВИДЕО) Големи протести во Кина поради мерките против Ковид-19, се бара оставка на Си Џинпинг

од Nikola Popovski

Протести против строгите рестриктивни мерки за спречување на ширењето на Ковид-19 избувнаа утрово во неколку кинески градови, вклучително и во финансискиот центар Шангај, речиси три години од почетокот на пандемијата.

Нов бран на незадоволство беше поттикнат од пожарот во зградата во регионалниот главен град Урумчи на Ксинџијанг во четвртокот, во кој загинаа десет луѓе. Гневот на јавноста беше предизвикан од сомневањата, кои почнаа да се шират меѓу корисниците на Интернет, дека станарите на зградата не успеале навреме да побегнат бидејќи зградата била делумно блокирана, што градските власти категорично го отфрлија.

Жителите на Шангај, најнаселениот кинески град и финансиски центар, се собраа во саботата навечер на улицата Вулумуки, именувана по Урумчи, на бдеење што се претвори во протест рано наутро во неделата.

Додека беа следени од поголема група полицајци, насобраните демонстранти држеа празни листови хартија, симбол на демонстрантите против цензурата. После тоа, според видеото објавено на социјалните мрежи, тие почнале да викаат: „Отстранете ја блокадата во Урумчи, укинете ја блокадата во Ксинџијанг, укинете ја блокадата во цела Кина!“

Во еден момент, според изјавите на сведоците на видеото, голема група собрана, во редок протест против кинеското раководство, почнала да извикува: „Долу Кинеската комунистичка партија, долу Си Џинпинг, слобода за Урумчи!“

Полицијата во неколку наврати се обиде да ја растера толпата, а на објавените видео снимки се гледа како толпата и вика кон полицијата „Ние му служиме на народот“, „Не сакаме здравствени кодови“ и „Сакаме слобода“.

Во саботата вечерта, жителите на Ланжу, град во северозападниот дел на земјата, ги урнаа шаторите на привремените ковид-клиники, ги искршија кабините за тестирање и започнаа улични протести. Демонстрантите во видеата што кружат на социјалните мрежи тврдат дека биле ставени во карантин иако тестот им бил негативен.

Универзитетите во Нанџинг и Пекинг одржаа бдеење со свеќи за жртвите од пожарот во Урумчи, додека студентите започнаа тивки протести држејќи празни листови хартија.

Корисниците на Интернет покажаа солидарност со објавување на празни бели квадрати на социјалните мрежи WeChat и Weibo. Во неделата наутро, објавите на Weibo со бел квадрат бile блокирани.

Во Кина се зголемува бројот на новозаразени со Ковид-19 од кои речиси 40.000 се регистрирани во неделата. Затоа во градовите низ државата се воведуваат блокади и други рестриктивни мерки.

Пекинг продолжува да се придржува до политиката за целосно сузбивање на ширењето на корона вирусот и покрај тоа што јавноста се повеќе се противи на мерките и што тие нанесуваат се поголема штета на втората по големина економија во светот.

Слични содржини