Јавноста денеска можеше да види како член на обезбедувањето на Мицкоски, Влатко Илиевски на подарок добил парцели земјиште со вкупна површина од околу 40.000 метри квадратни и како после две три недели истите ги продал за неверојатни 500.000 евра. Покрај Илиевски во аферата се вмешани и поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Делчево, поранешен претседател на УМС ВМРО-ДПМНЕ како и татко на актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од СДСМ попладнево.
Според нив, заеднички именител за сите овие лица е Христијан Мицкоски.
-Затоа, наместо да се крие зад партиски соопштенија, Мицкоски да излезе пред јавноста и да каже каква е неговата поврзаност со оваа афера?, бараат од владеачката партија.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска потенцира дека договорот е вреден неверојатни 500.000 евра, а парцелите кои Илиевски ги продал не ги купил, туку тие ги добил на дар само неколку недели пред да ги продаде.
-Зошто некој би дал подарок земја од 40.000 метри квадратни? Еве ги договорите кои отвораат сомнежи. На Илиевски во период од десеттина денови му се подаруваат парцели земјиште со вкупна површина од близу 40.000 метри квадратни. Сите парцели Илиевски потоа ги има продадено. Овие шеми се случуваат пред почеток на изборната кампања, за што предистрага има отоврено и надлежна институција, изјави денес Кузеска на прес-конференција.