Алтернатива утре на седница на највисокото партиско тело ќе одлучи дали ќе стане дел од Владата. Партиската средба ќе почне утре во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово.
-Седница на Централниот совет на Алтернатива имаме утре во 19 часот во партиското седиштте во Тетово. Утре ќе се донесе конечна одлука . До овој момент ништо не можам да кажам. Утре по завршувањето на седницата ќе имаме прес-конфренција, изјави партискиот портпарол Орхан Муртезани.
Лидерот на партијата Африм Гаши и премиерот Зоран Заев досегаа имаа три работни средби во Клубот на пратеници, на кои се разговараше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на нивните четворица пратеници.
На последната средба одржана вчера бил констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт.
-Разговорите продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните, соопштија вчера од Владата.