Три знаци кои укажуваат на сојот омикрон: Откриено и какви се клиничките слики на пациентите!

од Nikola Popovski
232 прегледи

Веста за појавата на новиот сој на коронавирус наречен омикрон ги загрижи сите. Сепак, според досега познатите информации за таа варијанта, нема преголема причина за грижа.

Сè уште многу не е познато за омикронот и ќе бидат потребни неколку недели за да се дознае повеќе за овој сој но според информациите познати од Јужна Африка, каде што се појавил првпат, засега предизвикува само благи до умерени форми на болеста.

Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) за Ројтерс изјави дека повеќето пациенти во моментов немаат тешка клиничка слика, иако тоа не значи дека е невозможно тоа да се случи.

-Кога станува збор за сериозноста, видовме извештаи дека омикрон предизвикува благи до тешки форми на болеста. Има некои индикации дека симптомите се благи кај многу пациенти, но повторно, сè уште сме во раните денови. Ја следиме ситуацијата, и точно е дека бројот на хоспитализирани во Јужна Африка е зголемен, но повторно, ова може да се должи на фактот дека бројот на заразени е зголемен. Ако имате повеќе пациенти, ќе има повеќе хоспитализирани, рече советничката на СЗО, д-р Марија Ван Керкове.

Лекарка од Боцвана, една од првите земји каде што е потврден вирусот, вели дека 16 од 19 заразени лица немаат симптоми, а останатите тројца имаат „многу благи“ симптоми. Исто така, тамошните лекари тврдат дека сите заразени со омикрон веќе оздравеле.

Симптоми

Сите веќе научивме какви симптоми предизвикува коронавирусот – постојана кашлица, висока температура, губење на чувството за вкус и/или мирис…

Сепак, според она што е досега познато, омикрон најверојатно предизвикува малку различни симптоми. Д-р Анжелик Кеце, докторката која прва пријавила „чудни“ симптоми кај пациентите во Јужна Африка, по што е откриен новиот сих, наведе три кои се заеднички за мнозинството: замор, болки во мускулите и телото и главоболка.

Таа, исто така, истакна дека, за разлика од заразените со сојот делта, ниту еден од заразените со омикрон не пријавил губење на чувството за вкус и мирис.

Сепак, ќе биде потребно извесно време за да дознаеме повеќе за симптомите што укажуваат на омикрон.

Кога станува збор за тоа зошто новиот сој дава поблаги симптоми, експертите сметаат дека причината можеби е тоа што многу луѓе се вакцинирани, па вакцините го ослабуваат вирусот, а друга причина е тоа што тие се заразени, се претежно млади.

Исто така, една од можните теории е дека мутациите всушност го ослабнале вирусот.

Фото: Guido Mieth/Getty Images

Слични содржини