Претседателот Стево Пендаровски по повод Светскиот ден на волонтерството, упати порака до волонтерите со којашто им изразува благодарност за нивната пожртвуваност, одговорност и посветеност во извршувањето на нивните ангажмани и хуманитарни активности.
– Во животот секогаш најмногу не инспирираат поединците кои прават нешто добро, а, без никаков надомест. Доброволно, искрено, посветено и чесно, мотивирани единствено од желбата да се помогне некому во неволја, да се понуди утеха, да им се служи на другите луѓе и на заедницата на која припаѓаат. Вашата благородна мисија е ретка појава во светот во кој милиони секојдневно се во постојана трка по материјални богатства и моќ, не гледајќи дека покрај нив има многумина кои страдаат. Сите ние, имаме многу што да научиме од вас, вклучително и во прв ред, ние, политичарите, вели тој.