Голгетерот на Реал Мадрид, Карим Бензема, беше заменет во 17. минута на мечот против Реал Сосиедад поради повреда на мускулот и речиси сигурно ќе ги пропушти претстојните натпревари со Интер и Атлетико Мадрид. Французинот учествуваше на 18 од 19 официјални средби на „белите“ во текот на сезоната, а на 14 од нив запиша цели 90 минути.
„Во наредните денови ќе видиме каква е состојбата на Карим, но не верувам дека ќе можам да го искористам во вторник. Сепак, се надевам дека ќе биде подготвен за дербито со Атлетико во недела“, коментираше тренерот на Реал, Карло Анчелоти по победата на „Аноета“.
„Бевме компактни и не им оставивме слободен простор на домаќините. Лука Јовиќ многу се вклучи. Не игра често, но има голем придонес за трите бода. На паузата им кажав на играчите дека не сум задоволен од она што го видов по 30. минута, кога почнавме да правиме глупави прекршоци и да испраќаме долги топки напред. По голот што го постигнавме, стана многу полесно“, изјави Анчелоти.
„Тоа беше добар ден за нас, но сезоната е долга. Не е лесно против ниту еден противник. Имаме предност и ќе се обидеме да ја задржиме и да ја зголемиме. Во фудбалот се може да се смени за три дена. Сега размислуваме за натпреварот со Интер, а не за Атлетико. Знам што значи дербито за навивачите. Нема фаворити на овие натпревари“, додаде Италијанецот.