Постојат две позиции кои во моментов не дозволуваат да се најде решение за проблемот меѓу Македонија и Бугарија. Првата е техничка. Смената на Владата во Бугарија. Ова е можеби последната недела на службената владата, а новата ќе има парламентарна поддршка, вели бугарскиот дипломат и еден од авторите на Договорот за добрососедство, Љубомир Ќучуков во интервју за ТВ Сител.
Според него, втората позиција е поважна и таа е содржинска.
-Неопходно е да има обострана согласност меѓу Скопје и Софија. Има изразена јасна подготвеносt за дијалог. Петков е сериозно подготвен за позитивен дијалог. Сметам дека станува збор за месеци до доаѓање на договор, а не за денови, вели Ќучуков и додава дека преговорите за членство на Македонија во ЕУ треба да бидат засновани на договор меѓу Скопје и Софија.
-Неопходно е да се промени климата во двете земји. Се надевам дека решение би можело да биде во рамките на француското претседателство на ЕУ, затоа што сметам дека забавувањето во изнаоѓањето на решение, влијае негативно и во Бугарија, Македонија и во целиот регион, потенцира Ќучуков.