Владата предводена од СДСМ прави се за да ги заштити домаќинствата и малите потрошувачи од високите цени на електричната енергија на берзите. За таа цел, Владата го задолжи АД ЕСМ за наредната година да ја обезбеди 100% од потребната количина, иако обврската по закон е 60% за 2022 година, информираа денес од СДСМ, како реакција на прес-конференцијата на Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, електрична енергија ќе биде обезбедена и за 2022 година.
-ВМРО-ДПМНЕ и во време на светска енергетска криза шири неосновани обвинувања со цел да внесе вознемиреност меѓу граѓаните. АД ЕСМ ќе даде понуда за електрична енергија за 2022 година на новиот тендер на ЕВН Хоум, кој ќе се однесува на првата половина од годината, како што се потпишуваа и сите други договори наназад, односно полугодишно. Како што знае и јавноста, понуда досега не беше доставена бидејќи ЕВН имаше распишано повик за цела година, истакнаа од партијата.
Антовски, член на комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ денес обвини дека владата и раководството на АД ЕСМ успеаја за само четири години да ги уништат нашите производствени капацитети, кои се сега далеку под нивото на своите производствени можности.
Тој додаде дека најпрвин во 2020 година ја поскапеа струјата за 7,4 %, потоа следуваше ново поскапување на струјата во 2021 година од речиси 20 %, успешно го замаскираа со намалувањето на ДДВ-то на 5 %.