Димитар Ковачевски е новиот лидер на СДСМ откако убедливо победи на вонредните внатрепартиски избори.
37,649 гласа освоил Ковачевски,за Ременски гласале 2.148 сопартијци, а Деспотовски освоил 3.319 гласа, додека 602 се неважечки.
Ковачевски пред неколку дена, кога ја побара поддршката од членството изјави дека има визија и план како партијата повторно да се врати на победничките патеки.
Тој вели дека работите мора да се менуваат и токму тоа го покажале последните избори, па затоа тој го повикува членството да се обедини за промените кои членовите, но и граѓаните, ги очекуваат.
„Како иден претседател на СДСМ, моја цел ќе биде да ја подобриме комуникацијата со членството и да дадеме фер шанса на секој кој умее и сака да работи за граѓаните. СДСМ ќе биде препознаен преку чесни, посветени и ангажирани луѓе, а посветеноста и одговорноста на секој ќе биде единствено мерило за напредок. Партиските тела ќе ги зајакнеме и активираме на многу повисоко ниво. Месните одбори и комисиите ќе бидат основни тела за креирање и евалуирање на политиките на партијата“, вели Ковачевски во видео обраќањето до јавноста.
Ковачевски смета дека граѓаните мора да ја вратат довербата во државата и затоа Владата мора да ги исполни нивните очекувања кои се однесуваат на поголема ефикасност во владеењето и исполнување на ветувањата. Клучот за ова според него е поставување на вистински луѓе на вистински позиции, како и воспоставување на систем во кој секој ќе биде одговорен за своите задачи.
„СДСМ го има најдобриот кадровски потенцијал и ќе го искористиме. Потребен е поголем фокус на реалните потреби на граѓаните, на оние проблеми кои им тежат на луѓето. Во моментов е тоа економијата и животниот стандард. Да се фокусираме на решенија и многу повеќе на локално и на централно ниво да зборуваме за овие проблеми. Исто така потребно е одговорно владеење и недвосмислена борба со криминалот и корупцијата. Не се доволни успешни реформи на судскиот систем и добри закони; граѓаните сакаат да видат дека сите ние како политичари со личен пример и во пракса го спроведуваме тоа. За ова не смее да има компромис“, вели Ковачевски.