Аргентинскиот дефанзивец на Бенфика, Николас Отаменди бил ограбен во неговиот дом во Лисабон, соопшти португалскиот клуб.
– Играчот и неговото семејство се добро и покрај големата непријатност предизвикана од ситуацијата во која се најдоа – наведуваат од клубот.
– Бенфика повикува на почитување на приватноста на играчот и неговото семејство од страна на медиумите, додека се чека истрагата покрената од властите – се додава во соопштението.
Детали од оваа страшна приказна објавија и португалските медиуми.
Имено, четворица криминалци го фатиле Отаменди на враќање дома, му ставиле појас околу вратот и врзан го однеле во куќата каде што биле неговата сопруга и синот. Со закани одзеле пари, часовници и скапи предмети, а потоа избегале.
Отаменди пристигна во Бенфика во септември минатата година од Манчестер Сити, каде мина пет сезони.
Играше и за Велез, Порто и Валенсија.
Во дресот на аргентинската репрезентација собра 87 настапи и постигна четири гола.