Започна официјалната посета на претседателот Пендаровски на Република Косово

од Берта Китинска
172 прегледи

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска на плоштадот „Ибрахим Ругова” во Приштина, на официјална церемонија со државни и воени почести беше пречекан од претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, со што започна неговата официјална посета на Република Косово.

Претседателот Пендаровски оствари тет-а-тет средба со претседателката Османи-Садриу, по што се одржа и пленарен состанок на македонската и косовската делегација.

На средбите се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, при што беше посочено дека односите меѓу двете држави се конструктивни и пријателски, а соработката се одвива преку отворен и динамичен дијалог. На средбите беше нагласен интерес за развој на севкупната соработка, како во контекст на заедничките погледи во однос на интеграцијата во НАТО и ЕУ, така и во економијата, што претставува дополнителен влог во градењето стабилно партнерство и добрососедство.