Омикрон најверојатно ќе стане доминантен сој во Европската унија во првите два месеци од следната година, иако сојот делта во моментов е најраспространет, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на заразни болести (ECDC).
Иако сегашните податоци за сериозноста на инфекцијата поврзана со омикрон остануваат ограничени, достапните предизвикуваат загриженост дека тоа може да биде поврзано со значително намалување на ефикасноста на вакцините, се вели во соопштението на ЕЦДЦ.
Тие предупредуваат дека, дури и ако омикрон предизвикува поблаги форми на болеста, експоненцијалното зголемување на бројот на случаи на инфекција ќе доведе до поголем број на потешки случаи на болеста.
„Додека членките на ЕУ продолжуваат да се соочуваат со тешките последици од делта бранот, натамошното зголемување на хоспитализациите може брзо да ги совлада здравствените системи“, велат од ЕЦДЦ.
Тие заклучуваат дека целокупното ниво на ризик за јавното здравје поврзано со понатамошното појавување и ширење на варијантата омикрон е многу високо.
„Потребна е итна и силна акција за намалување на преносот на инфекцијата со цел да се олесни и онака тешкиот товар на здравствените системи и да се заштитат најзагрозените во наредните месеци“, велат од таму.
Тие советуваат брзо воведување мерки кои вклучуваат препорака за избегнување големи јавни или приватни собири, охрабрување на употребата на маски за лице, работа на далечина, продолжено тестирање и силно следење на контактите.
Се нагласува дека вакцинацијата останува клучна и дека треба да се продолжат напорите за зголемување на целосната употреба на вакцинацијата кај оние кои не биле вакцинирани или биле делумно вакцинирани.