Новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва информирал дека ќе има нови луѓе во раководните органи на партијата.
– Согласно со процедурите ќе имаме седница Централен одбор на која ќе ги информирам за разговорите со коалиционите партнери. Планирам да предложам неколку нови членови на ЦО и раководство на партијата кое ќе вклучува членови и на постојното, но и нови лица, изјави Ковачевски за ТВ24 по примопредавањето на функцијата претседател на СДСМ од досегашниот лидер Зоран Заев во седиштето на партијата.
Ковачевски не откри детали кој ќе замине, а кој ќе остане.
Поранешниот претседател Зоран Заев, на новоизбраниот претседател Димитар Ковачевски му ја честиташе победата на внатрепартиските избори и му посака успешен мандат.
– Претседателе ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста, му порача Заев на Ковачевски.