Премиерот во оставка Зоран Заев, вели дека е изненаден од првиот човек на државата Стево Пендаровски кој вчера од Косово рече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е фалична.
„Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот“, вели Заев за ТВ21.
Тој додава дека во минатото сме виделе што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е било кое заговарање против Отворен Балкан.
Вчера од Приштина претседателот Стево Пендаровски кажа дека „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес.
-Мојот став е дека „Отворен Балкан“, по претпоставка да ги вклучи сите шест држави, може да биде само една од алатките, само еден од инструментите за подобрување на регионалната економска и трговска соработка, значи не политичка, и „Отворен Балкан“ може само да биде дел од Берлинскиот процес, изјави претседателот
Според него, „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, бидејќи тоа е иницијатива која има институции, која има ресурси, а тие две работи, како што рече „Отворен Балкан“ засега ги нема и кое е еден вид на амбрела иницијатива во која сите други може да бидат добронамерни иницијативи.