Спасовски: Заев донесе визионерски одлуки, чест и гордост е што бев дел од тоа раководство на СДСМ

од Vladimir Zorba
222 прегледи

По изборот на новиот претседател на СДСМ, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за МИА вели дека претседателот на партијата треба да биде и премиер, заради тоа што, како што појасни, сепак првиот човек на партијата ја има и најголемата одговорност во носењето на одлуките и најдобро може да се носат одлуките што се базираат на исти вредности и во партијата и во владата.

Очекува прво и посилен и пообединет Социјалдемократски сојуз, а тоа ќе значи, појаснува, и наметнување нов начин во водењето на партијата, поуспешен од тоа што бил веројатно досега.

Истакна дека имало исклучително добро водство од страна на претседателот Зоран Заев, направено е многу за партијата, направено е многу и за државата.

– Многу храбро и многу визионерски одлуки коишто се донесоа и мене ми е и чест и гордост што бев дел од тоа раководство и бев еден од соработниците на претседателот Зоран Заев. Меѓутоа, со не помала верба и во новиот претседател Ковачевски во неговите мудри одлуки за тоа кој ќе биде дел од раководството, кои ќе бидат приоритетите во овој момент за да продолжиме уште посилно. Секако дека најважно ќе биде единството. Најважно ќе биде колку секој од нас ќе даде поддршка во напредокот на партијата, вели Спасовски за МИА.