Кинеската тенисерка Шуаи Пенг (35) изјавила дека никогаш не обвинила никого дека сексуално ја нападнал, односно дека пораките на социјалните мрежи кои ги напишала минатиот месец биле погрешно протолкувани.
Водечките луѓе во светскиот тенис, како и некои западни политичари и групи за човекови права, беа загрижени за Пенг, откако таа се чинеше дека го обвини поранешниот кинески вицепремиер Џанг Гаоли дека сексуално ја нападнал, објави Ројтерс.
По тој коментар, таа не беше во јавноста речиси три недели.
„Морам да нагласам нешто што е многу важно, а тоа е дека никогаш не реков, ниту напишав дека некој сексуално ме нападнал“, вели Пенг во видеото што го објави „Lijanhe Zaobao“, медиум од Сингапур.
Таа рече дека контроверзниот коментар што го објави на кинеската социјална мрежа Веибо, сличен на Твитер, кој брзо беше отстранет е „приватна работа“.
Пенг во видео порака рече дека „луѓето имаат многу погрешни толкувања“ за нејзиниот коментар на мрежата Веибо, но не објасни што сакала да каже.
Рекла и дека живее во дом во Пекинг без надзор, а при снимањето на видео интервјуто не била прашана за Џанг, ниту пак го спомнала.
Ројтерс се обиде да стапи во контакт со неа по коментарите на мрежата Веибо, но не успеа да ја добие.
Кинеската членка на „Human Rights Watch“, Јачиу Ванг, саркастично го коментираше нејзиното интервју.
„Леле, толку природно, толку реално, сега сите и веруваат. Честитки, ККП (Комунистичка партија на Кина)!“