Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, пожарот во Тетово и сите починати од последиците со ковид, го започна својот годишен говор претседателот Стево Пендаровски.
-Исклучително ми е тешко што втора година по ред треба да го започнувам моето обраќање со оддавање почит на граѓаните кои повеќе не се околу нас.Серијата на ужасните трагедии и колективни трауми на нацијата конечно треба да ја разбуди совеста во македонското општество и одговорноста на надлежните институции затоа што ништо нема повредно од човечкиот живот и ништо понеправедно ако губењето на тој живот е поради човечки фактор и системска грешка, кажа Пендаровски.